Лушпи од зеленчук и овошје, суви лисја и гранки од дворовите и парковите или пак остатоци од земјоделското производство, овоштарството и лозарството. Сето тоа е биоотпад, кој кај нас завршува на депонија, а во многу држави преставува ресурс. Според статистиките во земјава, биоотпадот учествува со околу 60 отсто од она што го фрлаат домаќинствата и кое најчесто завршува во контејнерите.
Влијанието на овој процес врз животната средина е огромен, се загадуваат почвата, подземните и надземните води, а се испуштаат и стакленички гасови, кои се директно одговорни за климатските промени.
Компостирањето е практика во секоја земја каде што е регулирано управувањето со отпад. Во Европа годишно се произведуваат помеѓу 118 и 138 милиони тони биоотпад, од кои во 2019 година биле компостирани околу 40 отсто. Најмногу, по глава на жител компостираат жителите на Словенија, 320 килограми годишно, а на второ место се Холанѓаните со околу 223 килограми.
Поставување на мали градски компостари во Скопје е една од идеите, за која што се залагаат од Зелен хуман град. Идејата е граѓаните на секоја општина да добијат можност во своја непосредна близина да го одлагаат селектираниот биоотпад.
Експертите сметаат дека идејата за градски компостари е одлична. Сепак, за да се обезбеди правилно компостирање на биоотпадот, тие треба да бидат соодветно и стручно управувани и контролирани од општините или од јавните комунални претпријатија.
На пример, отпад од овошје и зеленчук, лушпи од јајце, суви растенија, ситни суви гранки, струготини од дрвја, сено и слама, свежи лисја и жива ограда може да се компостира, но, остатоци од месо и риба, млечни производи, мртви животни, измет од животни, коски, текстил, пластика, стакло и други неоргански суровини воопшто не се пожелни во компостната смеса.
Компостирањето во мали домашни компостари не е непознато во развиените земји. Добро е што постојат иницијативи за пренесување на овие практики и кај нас, особено заради тоа што на тој начин се намалува импактот врз животната средина и се продолжува векот на депониите.
Штета што во земјава немаме развиен систем на селекција на отпад, туку овие иницијативи се сведуваат на поединци, мали групи, невладини еколошки здруженија или делови од општини. Во земјава, постојат референтни лаборатории кои можат да го испитаат хемискиот состав и да го утврдат квалитетот на крајниот продукт, компостот.
Не се знае до каде е реализацијата на овој проект кој беше масовно поддржан од граѓаните и кај нас. Да се надеваме дека проблемот ќе биде решен во догледно време а со тоа и ние ќе дишеме слободно и ќе ја чуваме животната средина.
извор: meta.mk