Штетата од украдените дрва во само четири општини во Северна Македонија е над еден милион евра. Пријави против крадците се поднесуваат, но тие тешко се казнуваат.
Околу 25.000 кубни метри дрва се бесправно исечени во четири општини (Струмица, Гевгелија, Прилеп и Велес) во последните шест години, со што е направена штета од над еден милион евра.
Ова го покажуваа податоците од истражувањето „Истоштени шуми – мапирање на организиран криминал во форма на нелегална сеча“, спроведено од Центарот за европски стратегии – Евротинк. Анализирани биле достапни документи и информации, но спроведено било и теренско истражување, каде што низ интервјуа се собрани информации и искуства на релевантни претставници на институциите и на други засегнати страни. Мотивите за уништувањето на шумското богатство се профитот и катастрофалната социјална состојба на сторителите.
Илјадници пријави без епилог
Илјадници кривични и прекршочни пријави биле поднесени против дрвокрадците во последните три децении, но јавните обвинителства и судовите успеале да завршат само педесетина. Во периодот 2010–2021 година од секторот на Шумската полиција до основните судови се поднесени 18.750 барања за поведување прекршочни постапки, а до основните јавни обвинителства се поднесени 2.380 кривични пријави.
За разлика од енормниот број на поднесени пријави, добиените податоци од подрачните јавни обвинителства (Прилеп, Струмица, Велес и Гевгелија) и од основните судови во однос на процесирани кривични пријави каде што Обвинителството ги има добиено случаите во првостепена постапка или обвинетите ги обжалиле, или, пак, биле на крајот ослободени, се многу оскудни.
Има ли спас за заробените дрвја?
Тоа што се јавува како олеснителен елемент за криминалните групи е и одлуката на припадниците на шумочуварските служби и на Шумската полиција предметите да ги евидентираат и да ги процесираат како прекршочни, а не како кривични. Прекршочните предмети завршуваат со парични казни за лица што ниту поседуваат лични документи ниту има начин како да им се наплатат, односно се работи за лица што не можат да ја почувствуваат глобата на државата врз сопствената кожа“, се наведува во извештајот.
извор: dw.com/mk