Општина Куманово ќе додели субвенции за комуналии за ранливите категории граѓани, соопшти секторот за социјална заштита. Кумановци поднеле 785 барања, од кои веќе секторот изработил 342 решенија.
Рокот за поднесување на барања за субвенции беше до 4 март годинава.
Субвенционирањето на комуналните трошоци, односно за потрошена вода и изнесување на смет по семејство изнесува 1.200 денари. Можност за аплицирање за субвенционирање имаа повеќе категории граѓани, самохрани родители, стечајци, згрижувачки семејства, лица кои до 18- годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа и по престанување на старателство, најмногу до 26 – годишна возраст.
Надоместоци за сметки за вода и ѓубрарина имаа право да побараат и лицата со попреченост, нивните старатели, кои живеат на територија на Општина Куманово со 26 години возраст, најдоцна до 65 години возраст, односно тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, лица корисници на право на социјална сигурност на старите лица, односно лице со навршени 65 години возраст и лица корисници на гарантирана минимална помош, исклучиво материјално и станбено необезбедени.