Вкупно во светски рамки се изведени 1 800 вакви операции, а нашата земја влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува оваа најтешка и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје е направено првото вградување на целосно вештачко срце во Македонија. Пациентот, маж на 46-годишна возраст од Штип, со исклучителна срцева слабост, по оперативниот зафат е во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро.
Операцијата, којашто траеше повеќе од пет и пол часа и заврши во средата рано наутро, комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.
Вградувањето на целосно вештачко срце, како комплексна кардиохируршка операција, ја вброи Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во самиот врв на светските здравствени установи кои вршат зафати со механичка срцева потпора. Воедно, ова е огромен исчекор и за македонската кардохирургија, со што нашата држава се вбројува во малкуте земји во светот каде што се извршени вакви операции.
„Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфициенција, функционираше со само 15 отсто од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е најдоброто решение, особено кај пациенти кај кои срцевата инсуфициенција е присутна и во десната и левата комора и е значително покомплексна интервенција, за разлика од вградувањето вештачка LVAD-пумпа, којашто дава механичка поддршка единствено на левата срцева комора”, изјави проф. д-р Николиќ.
Целиот текст причитајте го на faktor.mk