Размислувате да дадете отказ од работа? Не сте сами. Истражување спроведено од Микрософт откри дека 41% од светската работна сила размислува за напуштање на сегашниот работодавец во следната година. Анкета на Монстер извести дека 95% од работниците размислуваат барем за промена на работното место, пишува Стефани Воза за бизнис порталот Fast Company.
Добар начин да дознаете дали станува збор само за привремена оптовареност од сегашната работа или вистинска желба за промена е да го решите „тестот на будилникот“, вели Роб Барнет, автор на книгата: „Следната работа е најдобрата работа: 11 стратегии на Хедхантер за да се вработите сега“.
„Кога ќе се вклучи алармот и се наоѓате во моментот помеѓу сон и будење, дали сте подготвени со ентузијазам да тргнете на работа или си велите АХ,“ вели тој. „Тоа е момент кога душата ви кажува нешто. Ако ви кажува АХ, тогаш вашето работно место не ви го обезбедува тоа што ви треба. Тогаш знаете дека сте заглавиле, дека се спогодувате со околностите, дека не ве ценат, не ве плаќаат доволно, дека не ви ги користат способностите доволно, или дека премногу работите“.
Вработените кои беа приморани да ја напуштат работата или се соочија со намалена плата или смрзната плата за време на пандемијата може да се почувствуваат разочарани од нивните работодавачи, вели Вики Салеми, кариерен експерт во Монстер. „Сега кога гледаме дека компаниите одново почнуваат да вработуваат, голем дел од вработените велат ДА кога станува збор за промена на работното место,“ вели таа.
Но, давање отказ кога сте лошо расположени не е најдобрата можна стратегија, вели Барнет. Напротив, поставете си ги следните прашања:
Што сакате да оставите зад себе?
Кога одлучувате да си одите, Салеми предлага да се преиспитате себеси за да одредите што точно не ви се допаѓа на сегашното работно место. Можеби ја чувствувате работата како мртво нешто поради недостаток на можности за раст. Или пак можеби сакате да користите различни вештини или да ги промените индустриите. „Идентификувајте што сакате и што не сакате за да можете да почнете со фокусирана потрага по нова работа,“ објаснува Салеми.
Барнет предлага да му пристапите на вашиот шеф со листа работи што би сакале да ги промените. „Обидете се да имате значаен разговор за тоа како да го поправите тоа што е погрешно,“ вели тој. „Морате да му дадете реалистична количина време на вашиот шеф за да ви помогне да го поправите тоа што не чини. Но, единствената личност што може да постави реалистична временска рамка сте вие. Ако тоа време поминало, тогаш е време да си одите“.
Дали сте финансиски обезбедени?
„Една опција е да си одите без да знаете што следи,“ вели Барнет. „Оваа опција е исто така позната како момент на храброст и можеби блага лудост. Втората опција е тајно да го осигурате вашето следно најдобро работно место пред да се откажете“.
Анализирајте ги бројките, предлага Салеми. „Сите имаат различно ниво на комфор, и некои можат да се чувстваат океј ако дадат отказ без нова можност на повидок поради тоа што нивната сегашна ситуација е токсична, и можеби не се во можност да ја фокусираат енергијата на успешна потрага,“ вели таа. „Ако имате доволно заштедени пари можеби ќе бидете во можност да се откажете пред да ја обезбедите следната работа. Или, можеби сакате да ја задржите сегашната позиција и да барате нова работа во слободно време“.
Финансиската сигурност е подразбира повеќе нешта отколку само вашата плата, додава Салеми. „Кои бенефити во моментов ги добивате од вашиот работодавач? Плаќање здравствено осигурување може да биде погубно по однос на вашиот буџет. Земете го предвид вашиот целосен пакет компензации додека размислувате да дадете отказ“.
Дали можеби ви е потребен само одмор?
Во анкетата на Монстер, речиси една третина од испитаниците кажале дека фактор број еден во поттикнувањето на желбата за нова работа е преоптовареноста со работни задолженија. Салеми предлага да земете платен одмор и целосно да се „откачите“ од работата.
„Минатата година малкумина зедоа одмор за да имаат време за себе,“ објаснува таа. „Си мислеа – каде ли ќе одам? – кога има толку многу плакари за организирање“.
Правењет чекор наназад од вашата моментална позиција за да одлучите дали сакате да дадете отказ или би ја толерирале работата доколку се случат неколку промени може да ви биде од голема помош. „Кога почнувате да размислувате да се вратите, проценете ја работната позиција од птичја перспектива,“ советува Салеми. „Вообичаено има добра причина зошто размислувате да дадете отказ. Споделете го вашето резиме, вмрежувајте се и почнете да аплицирате за нови работни места. Секогаш можете да одлучите дали да останете или не кога добивате понуди. Сега е одлично време да барате, особено кога го правите тоа стратешки и методолошки“.
Секоја трагедија создава можности за светлина и позитивност, вели Барнет. „Брзиот пресврт во работната сила доведе до тоа 41 милион луѓе да поднесуваат документи за невработеност,“ посочува тој. „Новата реалност е дека голем број компании сега имаат тешкотии со пополнување на новите работни места. Иако има конкуренција за највисоките позиции, кандидатите имаат поголеми можности отколку од пред една и пол година. Ако размислувате за давање отказ во моментов, бидете сигурни дека сте го размислиле целиот процес за да се подготвите себеси за успех“.