Дел од битолските трговци на мало најавија дека нема да набавуваат и да продаваат бел леб затоа што не им е исплатливо. Ова следи како резултат на донесените мерки на Владата меѓу кои и таа – белиот и полубелиот леб да се продаваат по набавна цена до 31 мај. Согласно новите правила од денеска намалена е цената на белиот леб за неколку денари, конкретно сечениот леб на парчиња кој се продаваше за 34, денеска беше 31 денар.
Најмногу за ова реагираат помалите дуќани. Од локалните продавници во Битола велат дека сега само им прават услуга на пекарите. Белиот леб се трошел многу повеќе од интегралниот.
Иако пекарите тврдат дека нема промени во испораката очекувањата се дека новите мерки најголем ефект ќе имаат врз потрошувачката на бел леб.
-Ќе се одрази како не, мене особено, мене ќе ми се одрази.
-Нема да се одрази, јас повеќе јадам интегрален.
-Ќе мора да се купи интегрален, црн, ама мислам ќе пуштат.
-Ако нема друго чаре ќе се купува таков леб, велат битолчани.
Од министерството за економија тврдат дека ниту еден од трговците нема да има загуби од одлуката за ограничување на маржите и дека викендов или почетокот на идната недела ќе има конкретни резултати од анализата како се применува одлуката на терен.