Владата ќе направи анализи и ако утврди дека дополнително може да влијае во делот на ублажување на цените ќе донесе нови мерки во текот на неделава. Веќе се санкционираат дел од трговците што не ги почитуваат постојните мерки – за ослободување од ДДВ на основните прехранбени производи, и за утврдените маржи.
Ако е потребно ќе се донесат и дополнителни мерки од автономните кои ги имаме на располагање.Тоа би било укинување на одредени квоти кои се предвидени за одредени земјоделски производи, а дополнително и царински давачки. За одредени производи имаме царинска стапка од 29 проценти, од 32 проценти, тие ќе ги укинеме целосно, се со цел да има што поголем број производи и можност за трговците во нашата држава да имаат поконкурентни цени.
Досега се направени над 1100 контроли од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи и се изречени соодветни казни но, мерките главно се почитуваат.
Дел од основните прехранбени производи од четвртокот минатата недела се продаваат со нула проценти ДДВ, а од пред повеќе од една недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата. Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии.
извор: skopjeinfo.mk