Бранот на поскапувања поради пандемијата влијае и врз туристичкиот сектор. Македонските агенции годинава за 5 до 15 евра го поскапеа организираниот превоз со автобус до Грција, па така, доколку повратниот билет кон Халкидики пред две години чинеше 35, сега чини 40 евра. Поголема е разликата во цените за превозот до дестинациите на Јонско Море, за каде повратен билет чини 50 или 55 евра.
Аранжманите од 9 ноќевања годинава скоро и да ги нема, па за цените за кои некогаш се поминувало 10, годинава се поминуваат 8 дена на море.
Во Грција, пак, веќе е најавено поскапување на основните намирници, но и на омилениот ручек – гирото, кое најверојатно ќе поскапи на 4 евра. Зголемени се трошоците за живот, а цената на брзата храна е зголемена за околу 30 отсто.
Шише „кока-кола“ е 1,90 евра, точено домашно пиво од 0,5 литри е 4, додека увезеното 5 евра. Леб во Грција ќе ве чини 1 евро, сирење 4,48 евра, а млеко 1,31 евро. За десет јајца во Грција се потребни 3,26 евра, а за пилешки гради без коски седум евра.
Цената за јаболката, бананите, портокалите, доматите, компирот, кромидот, оризот, зелената салата е повисока за 20, 30, 40 или 50 центи од кај нас.
Дали тоа навистина ќе биде така, ќе треба да почекаме и лично да се увериме.
извор: vecer.mk