Колку заработуваат Македонците на сезонска работа во Хрватска - Готвач 3.000 евра месечно, келнер 1200, собарка 1.000
Побарувачката за работници за сезонска работа на хрватската ривиера е голема, особено од Македонија. Дефицитарна работна сила најчесто се менаџери, готвачи, пица - мајстори, келнери - претежно од угостителскиот сектор.
Ставре Дурацовски кој во Задар работи од 2018 година посочува дека платите зависат од искуството на кандидатот.
„Главен готвач зема повеќе од 3.000 евра месечно. Цената за добар готвач се движи од 1.800 до 2.000 евра. За помошник во кујна од 1.200 до 1.300 евра. Добар келнер заработува до 1.200, Ф&Б менаџер околу 2.000 евра, а собарките до 1.000 евра. Обезбедени се сместување и храна. За жал, ситуацијата во Македонија, нискиот стандард и непочитувањето на персоналот, ме натера да го спакувам куферот и да си заминам. Моментално работам на позицијата „Sous Chef“. Во оваа професија сум од 16 години, ја сакам и уживам кога ја работам. Врз основа на искуството, обврските и професионалноста кон работата, се оформува и платата од која сум многу задоволен – вели Дурацовски и појаснува дека газдите го вреднуваат работникот со сместување, храна и со понуда на нормални услови за живот.
„Помина времето кога од 5 до 8 луѓе беа сместени во еден стан од 35 квадрати. Македонските граѓани се многу ценети во Хрватска, претежно на Јадранот. Затоа голем е интересот на газдите да земаат персонал од Македонија и се трудат да обезбедат добри услови. Овде велат „ако сакаш добар и вреден персонал, побарај Македонец“. Имам некои информации дека лани 40 проценти од работниците во рестораните, биле Македонци. Платите во угостителскиот сектор речиси се исти. Зборувам за добар персонал и газда, кој знае да цени. За жал и тука има искористување на персоналот. Многу часови работа, а мала плата, но за тоа мислам дека се виновни тие кои ја прифатиле таа понуда или агенцијата преку која се испратени на работа, зашто дозволила да даде некому таква понуда. Пред да дојдат во Хрватска, треба да се распрашаат каков е газдата и кои се условите на агенцијата – вели тој.
Целиот текст е на faktor.mk