Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Антена“, ја остави отворена можноста, од 18 април или од мај, привремено да се укине сертификатот за влез во одредени простори во Грција, пред сè во надворешните делови, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис бјасни дека конкретното прашање ќе го разгледа надлежната комисија на епидемиолози.
Сепак истакна и повтори дека мерките не се укинуваат, туку привремено се олабавуваат и одново ќе се разгледаат во септември и додаде дека на комисијата на епидемиолози веќе ѝ е презентиран владиниот план, што треба да се разгледа, а „се однесува на олабавување на мерките или пред или по Велигден“.
-Во суштина, од мај па натаму ќе има голема деескалација на мерките, истакна министерот за здравство на Грција.
Медиумите во Грција во изминатите денови интензивно пишуваат за олабавувањето на мерките, а за конкретниот владиниот план, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека сите одлуки што се носат врз основа на препораките на комисијата веднаш се соопштуваат и додаде дека во среда комисијата ќе одржи нов состанок, по што би се соопштиле евентуалните одлуки.