Meтеорологот Славчо Попоски најави дека на самиот крај од овој, и во почетокот од новиот месец кој ни доаѓа, април, следува и нова голема промена на времето во Македонија, но и пошироко на Балканскиот Полуостров.
Станува збор за моќен циклонски систем кој ќе биде со центар некаде над Италија, но и над Јадранското море, и истиот ќе донесе услови за интензивни врнежи од дожд на многу места од регионот. Особено долж Јадранското приморје локално ќе има појава и на изразено невреме, проследено со поројни дождови, грмежи и олдуен ветер, па затоа токму поради ова граѓаните кои се наоѓаат долж Јадранското приморје особено од четврток па натаму да бидат крајно претпазливи.
„Поради спуштање на доста постуден воздух од север, на самиот почеток од месец април, на повеќе места во регионот ќе биде снежно и се очекуваат интензивни врнежи од снег. Доста снег се очекува да наврне особено во Босна и Херцеговина, Хрватска, делови од Србија и Црна Гора. Најпрвин ќе дува засилен до силен ветер од јужен и од југозападен правец, додека потоа ветерот ќе го промени правецот во северен“, вели Попоски.
Во Македонија овој циклон од четврток и за време на викендот ќе донесе поинтензивни врнежи од дожд и засилен до силен ветер од јужен и од југозападен правец. На повисоките планинските места ќе има врнежи од снег. Локално ќе биде и нестабилно со поројни врнежи од дожд, појава на грмежи, силен ветер и услови за локална појава на град. Сепак и покрај ова, оваа седмица температурите кај нас остануваат пролетни и нема многу да се менуваат.