Во некои од продавниците веќе подолго време не може да се најде сончогледовото масло за јадење, а таму каде што го има, се продава по цени од 130 и 140 денари, објави порталот Њус 24.
Од власта смируваат дека има доволно масло за јадење во Македонија, но граѓаните се скептични. Информациите дека во Албанија цената се искачи до 2,6 евра, во Германија во многу од маркетите се празни полиците за зејтин, во Италија исто така цените драстично се пораснати, го подгреваат стравот дека наскоро може да се почувствува недостиг на овој производ и на македонскиот пазар.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека кај нас нема проблем со производство и со снабдувањето со масло за јадење.
– Редовно сме во комуникација со производителите на масло за јадење во државата и согласно податоците што ги добиваме од нивна страна тие редовно ги снабдуваат сите трговци на мало со овој производ, изјави завчера Бектеши.
Во Македонија има три големи производители на масло за јадење. Дел од нив велат дека имаат залихи за овој месец, а се чекаат и нови пратки од Србија, кои ќе треба да ги задоволат потребите за наредните месеци. Но, никој не знае по која цена ќе го купи зејтинот веќе идната недела.
Граѓаните се жалат дека маслото од еден ист производител често може да се најде со различна цена по продавниците, која некаде достигнува и до 50 денари разлика. Цената на сончогледовото масло некаде го надмина и прагот од 130 денари за литар.
Бектеши рече дека има покачување на цените на нашиот пазар поради зголемување на цената на берзите на суровото масло.
– Најважно во вакви моменти е дека во С. Македонија нема проблем во снабдувањето и производство на масло за јадење. Ние ги следиме редовно состојбите и ако е потребно ќе донесеме дополнителни мерки се со цел да го ублажиме притисокот во делот на цените, рече Бектеши.