Новиот рeпер на хоризонтот на Големото јаболко има рекорден сооднос висина-ширина од 24:1 и може да смести само еден луксузен апартман по кат.
Последните елементи од надворешното обложување беа додадени на супервисокиот облакодер во Њујорк, познат како кулата Steinway, кој е и најтенкиот во светот и втор највисок на западната хемисфера.
Кулата висока 435 метри, потпишана од SHoP Architects, е завршена минатата недела, а инвеститорите најавија дека е подготвена да се вселат првите станари.
Лоцирана е во делот од Менхетн кој е наречен „Billionaire’s Row“.
Кулата беше најавена во 2013 година, за следната година проектот да започне со полна брзина, но изградбата запре во 2017 година поради финансиски причини.
Според архитектите од SHoP, кулата била изградена од најцврстиот бетон на светот.
Кулата може да прими еден луксузен стан по кат, плус 14 во дел од зградата наречена Steinway Hall, достигнувајќи вкупно 60 станбени единици.
„Секоја предрасуда што ја имаше нашиот тим за облакодерите во Њујорк беше заменета со можност да се направи нешто што никогаш досега не било направено“, изјави Грег Паскварели, директор на SHoP Architects, за Dezeen.
„Како Њујорчани, ние сме неверојатно горди што можеме да додадеме нова икона на нашиот хоризонт“, додаде тој.