Сигурни сме дека денеска, ако ништо друго, отворивте „Гугл", кој нè потсети дека се одбележува Денот на планетата Земја.
Човекот е најголемиот загадувач на Земјата, но кога таа „нечистотија" стана и опасна по здравје, почна интензивно да се работи на санирање на штетите и враќање на балансот во природата. Така барем се пласираше во јавноста.
Во 1969 година, во Санта Барбара во Калифорнија, се случи излевање на нафта, кое остави штета од огромни размери. Токму оваа катастрофа го инспирираше сенаторот Гејлорд Нелсон да направи нешто со цел да ја заштити средината. Така, сенаторот успеа да организира национално образование на јавноста за животната средина, а тоа пак го поттикна создавањето на ден кога ќе се слави планетата Земја.
Официјален датум стана 22 април, а првото одбележување го организираше организацијата „Earth Day Network" во 1970 во САД. Со текот на годините, важноста и одзивот за ова движење растеа, па од 1990 година стана глобално случување кое денес вклучува повеќе од 170 земји ширум светот.
Така, оваа година, по 52 пат официјално ќе се потсетиме зошто ни е потребна чиста Земјата. Неофицијално, тоа би требало да го имаме на ум секојдневно.
Тема која е добар потсетник дека секој од нас со своето однесување, свест и постапки може да засади семе на подобра иднина.
Со оглед на тоа дека последниве две години на тежок, но мошне сликовит начин ни покажаа како природата може да изгледа без лошиот човек и немаме многу аргументи на своја страна, освен да се освестиме дека планетата е единствениот дом што го имаме.
Изминативе две години се воодушевувавме на бистрата вода во Венеција, слободното шетање на животните. Во Скопје видовме пајчиња како се шетаат на улица. Рисовите во Марврово слободно се движат. Не се плашат, бидејќи човекот го нема. После 100 години, пеликани се повторно видени во Дунав. Со првите забрани на движење во Кина, се забележаа и првите подобрувања од загадениот воздух таму. Карантинот ги тргна луѓето и воздухот се прочисти. Граѓаните на Вухан биле воодушевени, бидејќи во најголемиот дел од времето, нивниот град е покриен со смог.
Да бидеме свесни. Совесни. Паметни. Да не се однесуваме како да живееме на различни места. Ова се теми кои бараат сериозна посветеност, далеку подлабока анализа и решение.
Затоа што, на крајот и самите видовме - природата без нас може. Но, ние без неа не.