Од 1 до 5 часот на територијата на Општина Карпош се гаси уличното осветлување и улиците се во мрак. Градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека оваа мерка е воведена оти мора да се штеди, откако сметките за струја се трипати зголемени поради енергетската криза. Во 2020 и 2021 година за улично осветлување биле потрошиле 13 милиони денари за цела година, а сега толку пари се потрошени само во првите три месеци.
„Сметките кои биле 2 милиони денари сега ни се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра. Јас, како одговорен субјект кој ја води оваа општина, имам на располагање две можности. Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување, односно вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, а во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така, сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми“, вели Јакимовски.
„Претпоставувам и вие дома штедите бидејќи е криза и војна. Кафеаните работат до полноќ, ние гасиме светло во 1, часот што сметаме дека е доволно време сите кои одат во кафеани да се вратат дома. Да ги имаме парите, па ај да речеме ќе плаќаме волку високи сметки. Но, ги немаме и доколку не штедиме треба да прекинеме со другите проекти. Сметам дека граѓаните не се воопшто оштетени“, вели Јакимовски.
Карпош е прва Општина која презема мерки за штедење поради енергетската криза.