Кичевскиот тапанџија Рамиз Алимовиќ паралелно со свирката, до совршенство го совладал и производството на тапани и во тој поглед е еден од најпознатите мајстори во земјава.
Како што вели самиот во изминатите повеќе од 50 години изработил над 1000 тапани, тарабуки и дајриња.
Покрај за сопствени потреби мајстор Рамиз почнал да изработува тарабуки, дајриња и тапани и за продажба и набрзо се афирмирал во сите градови во земјава. Порачки пристигнувале од сите страни и од наши печалбари од странство. Тој се осврна на неговите почетоци како мајстор за тапани и други инструменти…
– Пред повеќе од 50 години најпрво почнав со изработка на тарабуки за своја потреба, а подоцна да изработувам и тапани. Се афирмирав во цела земја. За изработка на еден тапан ми беше потребна јарешка кожа и штица од орев со дебелина од осум милиметри, должина од 1,40 метри и широчина на штицата од 43 сантиметри, која лесно се обликува. Покрај од орев, за оваа потреба може да се користи и штица од костен, вели за своите почетоци мајстор Рамиз Алимовиќ.
Тој го истакна процесот на производство и времето што му е потребно за изработка на еден инструмент, го нагласи и периодот за изработка на еден инструмент и цената што треба да ја плати секој што нарачал тапан, дајре или тарабука.
– За производство на еден тапан со стандардна големина ми се потребни четири – пет дена додека малите тапанчиња ги изработувам за ден до два. Покрај тапани и тарабуки последните петнаесетина години почнав да изработувам и дајриња. Цената на еден тапан се движи околу 150 евра, додека едно дајре го продавам по 600-700 денари, вели мајсторот, додавајќи дека цената на материјалите е зголемена, а тоа ќе предизвика и поскапување и на неговиот производ.
Подвлекува дека во текот на годината побарувачката се разликува од лето кога е најголема ,до зима кога е минимална.
– Продажбата на тапани е нешто поголема во летниот период кога има најмногу свадби, додека во преостанатиот дел од годината продажбата е намалена, поготово тоа се однесува на зимата, додава мајстор Алимовиќ.
Загрижен е за иднината на овој занает бидејќи никој во потесното семејство, вели, нема интерес да го продолжи овој занает и покрај неговата нескриена желба тоа да го сторат неговиот син или внук.
Мајсторот посочи дека најголемата промена во призводсвото на овие инструменти се материјалите од кои се изработуваат и се повеќе од природни се употребуваат синтетички материјали.
– Времињата се менуваат, а со тоа и материјалите што се користат за изработка на тапани. Последните десетина години покрај од природни материјали за изработка на тапани се повеќе се користи пластика која ја заменува кожата.Постарите свирачи преферираат тапани од јарешка кожа, додека помладите тапанџии се повеќе ги користат тапаните од пластика, која според нив, произведува посилен звук, нагласи мајсторот за тапани.
Тој е последниот мајстор кој изработува вакви инструменти во Кичево.
извор: kanal5.com.mk