Туристичката сезона во Хрватска во 2022 година ќе биде многу добра, на ниво од 2019 година или подобро, барем според најавите.
По две години пандемија, за време на која туризмот драстично опадна, укинувањето на локдауните низ Европа ќе ги врати туристите во Хрватска.
Но, дали ќе има доволно сезонски работници за да ги пополнат сите потребни работни места?
Според системот eVisitor, кој опфаќа туристички сообраќај реализиран во комерцијални и некомерцијални објекти и наутички чартер (eCrew system), во Хрватска за време на велигденските празници, односно од петок, 15 април до понеделник, 18 април 2022 година, имало околу 135.000 пристигнувања и околу 493.000 ноќевања.
Стандардно, најмногу гости има во Истра и Кварнер, а потоа во Сплитско-Далматинската жупанија. Најчести се пристигнувањата во далматинските градови, но меѓу нив „натрапник“ е Загреб, кој остварил најмногу ноќевања од сите градови во Хрватска.
На ниво на цела држава од почетокот на годинава е остварен речиси ист број ноќевања како и рекордната 2019 година.
Недостиг на работници во Хрватска, особено сезонски работници
Ваквиот развој на состојбите ќе ја зголеми и потребата од сезонски работници во туризмот. Според податоците на Хрватскиот завод за вработување, во 2019 година се барале 31.547 сезонски работници, а од нив 28.697 биле вработени од евиденцијата на Заводот за вработување.
Најбарани се келнери, собарки, готвачи, чистачки, продавачи, кујнски работници, помошници готвачи и сл.
Плати
Во последните неколку години проблем во Хрватска стана недостигот на работници.
По деценискиот став на работодавците „ако не сакаш да работиш за оваа плата, има десет во Бирото што сакаат“, работниците добија поголема преговарачка моќ.
Сега се во позиција да бараат од работодавците подобри услови за работа.
Просечните плати на сезонските работници се пониски од просечните плати во останатиот дел од економијата и се движат од 4.427 куни (585 евра) нето за собарка до 6.306 куни (833 евра) нето за готвач. Следува келнер со просечно 5.296 куни (700 евра), рецепционерка 5.858 куни, (775 евра) продавач 4.761 куни, (629 евра), а помошниот работник во кујна 5.161 куни (682евра).
извор: biznisinfo.mk