Туристичките агенти тврдат дека кај организираниот туризам не може да има поскапувања, бидејќи аранжманите биле договорени пред една година.
Цените на храната и пијалоците во кафулињата и рестораните во Будва ќе поскапат за 10 до 30 отсто по празниците и во текот на сезоната, соопштија од Здружението на угостители на Будва, од каде велат дека храната најмногу ќе поскапи, бидејќи цените на основните прехранбени производи драстично се зголемија.
Од Здружението на издавачи на приватно сместување велат дека повеќето нема да ги поскапат цените на апартманите, но некои ќе мораат поради поскапата работна сила.
За да резервирате сместување сега преку „Booking “ во некој од хотелите со три или четири ѕвезди во Будва, за седум ноќевања за две лица на почетокот на август ќе ве чинат од 400 до скоро 3.000 евра, во зависност од тоа за кој хотел станува збор, каде се наоѓа и што е вклучено во понудата.
Во секој случај, очекувано е дека како одминува времето, големи се шансите да наидете на поединечно повисоки цени, но туристичките агенции велат дека кај организираниот туризам не може да има поскапувања, бидејќи аранжманите се договорени пред една година.
Приватното сместување не треба да биде поскапо од претходно, велат во нивното здружение, па апартман за четири лица дневно, во зависност од локацијата, ќе чини од 40 до 130 евра.
Но, некои ќе ги покачат цените токму затоа што ќе им требаат повеќе пари за работна сила, која, како што велат, годинава е потешко да се најде.
А некои сопственици на апартмани наместо да ја зголемат цената ќе ја корегираат понудата.
Но, и пред и по патувањето, мора нешто да се напиете и да јадете. Пиењето кафе или некој друг пијалок со поглед на море оваа сезона ќе ве чини повеќе од минатата.
Од Здружението на угостители велат дека во повеќето ресторани и кафулиња ќе поскапат пијалоците и храната. Некои угостители ги корегираа ценовниците поради поскапувањето на храната, а некои ќе го направат тоа.
Од Туристичката организација на Будва и натаму веруваат дека летната сезона ќе биде успешна. На успех се надеваат и оние кои живеат од туризмот.
А оние кои веќе одмараат, сега пред сезона плаќаат по едно евро за топка сладолед на шеталиштето во Будва.