На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, вторпат по ред, откако Европската комисија предложи постепен прекин на увозот на руска нафта, а повисокиот раст на цената го спречува слабеењето на побарувачката поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 4,9 отсто, на 112,39 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 4,85 отсто на 109,77 долари.
Во моментов Европската унија го прилагодува планот за да добие согласност од земјите кои не се согласуваат со него.
Игнорирајќи ги повиците од западните земји за зголемување на производството, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, останаа на својот план, кој предвидува само скромно зголемување на производството во јуни, за 432.000 барели дневно.
Аналитичарите оценуваат дека реалното зголемување ќе биде далеку помало со оглед на ограничените капацитети.
Инвеститорите, во меѓу време, очекуваат поголема американска побарувачка оваа есен, откако Вашингтон објави дека планира да купи 60 милиони барели сурова нафта за стратешките резерви.
Но, значителниот пораст на цените е попречен од загриженоста за побарувачката во услови на знаци на слабеење на глобалната економија.
Кинеската економија слабее поради строгите ограничувања во неколку градови, што треба да го запрат новиот бран на Ковид-19.
Американската економија, од друга страна, пак, падна за 0,4 отсто во првиот квартал во однос на претходниот квартал, што е прв економски пад по кратката, но длабока рецесија во екот на корона кризата пред речиси две години.
И бидејќи американската централна банка агресивно ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени минатата недела и најави дополнително зголемување на каматните стапки за да ја спречи високата инфлација, се очекува дополнително забавување на најголемиот светски потрошувач на нафта.
Поради војната во Украина, меѓу другото, се очекува и забавување на закрепнувањето на економијата на еврозоната.
Британската централна банка во четвртокот предупреди дека Велика Британија се соочува со рецесија и инфлација од над 10 отсто, но сепак ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на 1,0 отсто, што е највисоко ниво од 2009 година.
Покрај тоа, вредноста на доларот во однос на кошницата од најважните светски валути достигна највисоко ниво во последните 20 години. А, тоа ја прави нафтата поскапа за земјите со други валути, што предизвикува слабеење на побарувачката.
Откако минатата година се зголемија за повеќе од 50 отсто, благодарение на глобалното економско закрепнување од кризата со коронавирусот, цените на нафтата од почетокот на оваа година скокнаа за околу 45 отсто.