Најголемата измена на тарифниот систем е во фаза на завршна подготовка. Ваква измена се нема случено од осамостојувањето до денеска и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи.
- Во моментов ги правиме последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет – дали да има три или четири блок тарифи, но сигурно е дека блок тарифите нема да важат за евтината струја. Оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
- За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Нагласи дека 17 семејства во државата трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.
Ќе одиме, прецизира, со опција три или четири блока со цел да имаме поголем опфат на граѓаните што имаат минимална потрошувачка, што е можно повеќе да опфатиме ранливи категории на потрошувачи и да опфатиме домаќинства што немаат друга опција на греење освен електричната енергија.
Како што кажа, за оние потрошувачи чии домови се празни и немаат воопшто потрошувачка на електрична енергија, се размислува да се воведе одреден паушал бидејќи електричната енергија во секој момент им е достапна.