Пивара Скопје е компанија со 100 годишна традиција и историја, но истовремено е компанија која е лидер во иновациите и воведувањето на нови продукти, технологии, начини на работа и стандарди. За новитетите и за новиот начин на работа разговараме со Марија Тодоровска, Директор на Сектор за Луѓе и Култура
- Што беше ваш мотив за да воведете флексибилно работење на долг рок?
На почетокот на 2020 година, кога се соочивме со заканата од новиот и непознат вирус Ковид-19, нашиот првичен инстинкт и реакција како компанија беше секако да ги заштитиме нашите луѓе, да го зачуваме нивното здравје и безбедност, но и да овозможиме континуитет во работењето. Па така, веднаш превземавме низа мерки за заштита на нашите луѓе, а една од нив е да овозможиме работа од дома за оние работни позиции за кои природата на работата тоа го дозволува. Уште веднаш се погриживме нашите колеги да ги имаат сите технички услови за непречено извршување на работните обврски од дома. Сите наши вработени поседуваат преносен компјутер за работа, а ние им обезбедивме и дополнителна опрема како што се монитори, слушалки, канцелариски столчиња, дополнителен Интернет и слично.
Иако ние во ниту еден момент не ги затворивме вратите на нашите канцеларии за колегите, за целото времетраење на пандемијата овозможивме целосна флексибилност вработените да одлучат од која локација се чувствуваат најбезбедни и најкомотни да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Секако, како што се менуваше изразеноста на пандемијата и бројот на заразени со вирусот, така и бројот на вработени кои работат од дома, односно од канцеларија варираше и се менуваше. Се погриживме да ги примениме сите можни мерки на заштита од вирусот додека се вработените физички во канцеларија и од денешна перспектива среќни сме што можеме да кажеме дека за целото времетраење на пандемијата имавме нула трансмисии на вирусот во Пивара Скопје.
Изминувајќи 2 години од ваквиот начин на работа увидовме дека местото на извршување на работата нема никакво влијание врз перформансот на вработените и врз нивната продуктивност. Исто така, увидовме дека овозможувањето на флексибилност во планирањето на работното време и флексибилноста да се комбинира работа од канцеларија и работа од дома позитивно влијаеше врз добросостојбата, задоволството и ангажираноста на вработените, а пред сè им овозможи постигнување на подобар баланс помеѓу работата и приватното време. Имајќи ги во предвид ваквите придобивки беше лесно да се одлучи дека нема да се вратиме назад на претходниот начин на организирање на работата, а ова ќе прерасне во трајна бенефиција за нашата организиација.
- Кои бенефити за вработените и за компанијата ги очекувате од овој модел на работа?
Ние веќе 2 години на некој начин го тестиравме ваквиот модел на работа. Нашите компаниски вредности на градење на доверба и партнерски однос со нашите вработени ни овозможија доволно поволна клима да си веруваме едни на други дека сме сите одговорни, посветени, мотивирани личности и си покажавме дека не секогаш некој треба да е физички присутен за да ја заврши работата со најдобар можен квалитет и навремено.
Самиот факт што нашите луѓе знаат дека ја имаат флексибилноста, имаат избор на кој начин ќе го организираат своето професионално и приватно време придонесува кон намалување на нивото на стрес, зголемување на добросостојбата и подобрување на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот. За нас како компанија, тоа значи посреќни, позадоволни вработени, а тоа подразбира и зголемување на чувството на припадност кон организацијата, зголемена мотивација, продуктивност итн.
Дополнително, воведувањето на ваквиот модел на работа се поклопи и со отворањето на нашиот нов канцелариски простор, простор кој е отворен, поттикнува соработка, размена на идеи, искуства и креативност. Па така, увидовме дека нашите луѓе и тимови преферираат да доаѓаат во канцеларија кога треба заеднички да работат на некаков проект, кога треба да бидат креативни, да разменат идеи и мислења. Доаѓаат за да се социјализираат, дружат и соработуваат. Кога им е потребно да имаат помирна средина за работа или треба да искомбинираат и некакви приватни обврски во текот на денот, преферираат да работат од дома.
- Дали флексибилното работење го менува бројот на работни часови и работни денови?
Флексибилното работење подрзабира само поинаков модел на организацијата на работата, но не го менува и бројот на работни часови и денови. Но, добро е да се истакне дека Политиката за Флексибилно работење која што ја креиравме дава доволно слобода вработените и тимовите сами да го креираат своето работно време и ритам. Како што споменав и претходно, ние се водиме по принципот на доверба дека работата ќе се заврши, важни се резултатите и квалитетот, а не контролата колку време некој поминал на работното место.
- Каков беше feedback-от од вработените откако им ја соопштивте оваа одлука?
Нашата одлука не дојде преку ноќ. Она што ние го знаевме е дека сакаме да го формализираме начиот на кој функциониравме во изминатите две години. За таа цел формиравме Проектен тим составен од колеги од сите сектори во компанијата со цел да ги увидиме потребите и мислењата на сите вработени. Дополнително, во два наврати спроведовме Анкета за мислењето на вработените за флексибилното работење со цел да ги увидиме нивните ставови и преференци за начинот на организација на работата. Врз основа на овој увид, проетниот тим го предложи моделот на 50/50, т.е половина од времето работа од дома, половина од времето од канцеларија. Секако, тимовите ја имаат целосната слобода да најдат модел кој ним најмногу им одговара.
„Каде работам“ беше само еден од аспектите на овој Проект. Она што исто така го земавме во предвид е дека со воведувањето на хибридниот модел на работа, се смени и начинот на кој комуницираме и соработуваме, па се погриживме да креираме детален водич за организирање на состаноци и патувања. При организирањето на состаноци, работилници и работни средби секогаш се има предвид Политиката за флексибилно работење, па согласно тоа и сите состаноци/средби треба да го имаат во предвид хибридниот модел, т.е овозможување начин непречено да учествуваат и колегите кои работат од дома.
Вие сте меѓу првите компании во Македонија кои воведоа ваков модел на работа. Дали сметате дека ќе бидете пример за другите и во иднина оваа пракса ќе ја следат и другите компании во нашата земја?
"Искрено се надевам дека и другите компании ќе ги препознаат бенефитите од ваквиот начин на работа и што поскоро ќе ги прилагодат своите политики и практики. Чувстото дека јас како вработена имам избор од каде ќе работам, знам дека можам да го прилагодам почетокот и крајот на моето работно време и знам дека мојата компанија има разбирање и за мојот приватен живот, околности и потреби, за мене е бенефиција и додадена вредност која не може да се измери и квантифицира"
- Како Директор на Сектор за луѓе и култура во Пивара АД Скопје, кажете ни нешто повеќе за културата во вашата компанија. Што е она што идните потенцијални вработени би требало да го знаат и очекуваат од Пивара Скопје како работодавач?
Пивара Скопје е компанија со 100 годишна традиција и историја, но истовремено е компанија која е лидер во иновациите и воведувањето на нови продукти, технологии, начини на работа и стандарди. Преку градењето на партнерски односи со нашите купувачи, конзументи, соработници, вработените и јавноста креираме раст и придонесуваме кон нивната добросостојба.
"Ние сме продажно-ориентирана компанија и она што нас не води е постигнување на одличност во продажбата и начинот на кој ние победуваме заедно со нашите купувачи. Преку креирање на средина на доверба и меѓусебна поддршка нашите вработени имаат можност постојано да учат и да се развиваат. Цврсто веруваме дека секој еден вработен треба да работи на себе и сопствениот професионален и личен развој, а ние се трудиме да овозможиме колку што е можно повеќе прилики за тоа. Ние сме тоа што сме и постоиме веќе 100 години благодарение на нашата постојана желба за учење, иновативен дух, прилагодување и менување соодветно на околностите во кои се наоѓаме. Но Пиварци не би биле Пиварци без една тајна состојка на упехот, а тоа е дека пред сè градиме заедништо и знаеме да се забавуваме!, изјави Марија Тодоровска, Директор на Сектор за Луѓе и Култура".