Ова прашање се отвори по најавите на Регулаторна дека подготвува нов модел со кој оние домаќинства кои трошат повеќе електрична енергија ќе плаќаат по пазарна цена...
Од kanal5.com.mk известуваат:
Ниската тарифа нема да се чепка. Но цената во висока тарифа се размислува да биде поделена во 3 или 4 блокови. Регулаторна се уште ја крои границата, над колку потрошени киловат часови електрична енергија на граѓаните ќе им наплаќа повеќе. Во моментов за потрошувачка во ниската тарифа граѓаните плаќаат по 3,67 денари за киловат, додека во висока тарифа цената чини 7,32 денари за киловат час потрошена електрична енергија.
Анализите им покажале дека од 660 илјади домаќинства, најголем процент или близу 22 отсто месечно трошат до 100 киловат часови, додека пак 20% од домаќинствата трошат од 500 до илјада киловат часови. А најмногу или 53% од електричанта енергија се троши во скапа струја.
Дел од експертската јавност кај нас, алармира на голема внимателност кога ќе се крои границата за потрошени киловати, бидејќи во спротивно може да создаде големи проблеми посебно за социјалните категории граѓани.
„Живееме 10 души во еден стан, затоа што немаме пари да бидеме во три куќи, како тоа ќе го пресмета која ќе биде тарифата тој што има многу луѓе на едно броило. Немаат пари да направат, три фамилии живеат во ист стан на исто броило и нормално ќе трошат повеќе електрична енергија и ќе бидат казнети..“ изјави Константин Димитров, енергетски експерт.
Тарифникот треба да стартува од 1ви јули заедно со новата цена на струјата. Енергетските компании веќе ги доставуваат своите пресметки до РКЕ, но цената за домаќинствата најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ. Она што единствено се знае е дека ДДВ-то на сметките ќе остане 5% до крајот на годината.
Во соседството Србија и Косово веќе имаат ваков модел на наплата и таму опфатена е и ефтината тарифа. Со тоа што во Србија тарифникот е поделен на три зони од кои најниската или зелена зона е за потрошувачка до 350 киловат часови месечно, додека највисоката – црвена зона е за потрошувачка над 1 500 киловат часови. Косово пак има две зони: за потрошувачка до 800 киловати и втора зона со потрошувачка над 800 киловати.. Албанија исто така е во процес на подготовка на ваков модел.