Да се биде добра и квалитетна компанија или жаргонски кажано “да се биде бренд“ во одредена дејност голем дел од компаниите го поврзуваат со квалитетот на нивниот производ, клиентите со кои соработуваат и довербата која ја уживаат кај своите потрошувачи. Точно е, сите овие работи помагаат да се изгради брендот на компанијата меѓутоа само од аспект на потрошувач. Но што е со градењето на брендот во рамките на сопствените редови? Поточно градење на довербата и квалитет кај своите вработени или пак потенцијалните нововработени?
На работобарателите не им значи многу ако компанијата има големо пазарно учество и работи со топ клиенти ако истата не создава најдобри можни услови за работа и развој на своите вработени.
Со цел да ја подигнеме свесноста на компаниите за тоа зошто е толку важно да инвестираат во својата препознатливост како посакуван работодавач на пазарот на трудот, спроведовме истражување на задоволството на вработените од компанијата во која моментално работат.
На анкетата “Дали би му ја препорачале вашата компанија на ваш пријател кој бара работа?“ објавена на порталот www.vrabotuvanje.com.mk од 9 јули до 25 јули дури 34 проценти од испитаниците одговориле дека не би ја препорачале својата компанија бидејќи немаат позитивно мислење за истата.
Од друга страна пак, голем е процентот на испитаници кои одговориле дека би ја препорачале својата компанија само ако нивниот пријател нема подобра опција во моментот (30 проценти) што пак алудира на тоа дека не се задоволни од својата компанија ама ќе ја препорачаат само да за излезат во пресрет. Исто така, ове може да значи дека и самите тие активно или пасивно бараат нова работа бидејќи не се задоволни од условите за работа која ги нуди нивната компанија.
Само 26 проценти од анкетираните испитаници одговориле дека би ја препорачале својата компанија бидејќи условите за работа се одлични. Станува збор за вработени кои се задоволни од третманот и бенефициите коишто ги добиваат од својата компанија и би сакале и нивните пријатели да ги уживаат истите.
Опцијата дека не би ја препорачале својата компанија бидејќи работата и пријателите не одат заедно ја избрале само 10 проценти од испитаниците.
Генералниот заклучок од оваа анкета е дека вработените не се задоволни од своите компании, што е неповолен податок за компаниите од аспект на работодавачи при понуда на отворени работни места. Податок кој зборува за тоа дека треба да се обрне многу поголемо внимание како компанијата се претставува и како постапува со своите вработени. Бидејќи тие се лицето на компанијата и нивниот збор има моќ која треба да се земе предвид секогаш кога се мисли на податокот “да се биде бренд“ во одредена област!
Од денес на порталот www.vrabotuvanje.com.mk ви е достапна нова анкета со доста интересно прашање:
Кога станува збор за платата, дали кажувате колку земате?
Вашиот одговор може да го доставите на слендиот линк.