Сточарите и годинава ќе добијат државна финансиска помош. Најголем дел од парите се наменети за одржување на бројноста на стадата и за предаденото млеко. Пчеларите имаат право на 600 до 800 денари за презимени пчелни семејства, а услов е да поседуваат најмалку 35 пчелни сандаци. Пријавувањето за субвенциите е до 31-ви мај годинава...
Сточарите кои одгледуваат крави ќе добијат по 3.100 денари за животно, доколку ги чуваат до 30-ти ноември и имаат од едно до 100 грла. За поголем број, субвенцијата скалесто се намалува.
Дополнително можат да побараат субвенција од 1.500 денари за женски глави добиток не постари од 12 до 24 месеци до ноември 2022 година.
За предадено или заклано говедо во регистрирана кланица за периодот од мај 21 до април 2022 ако се чувани најмалку 3 месеци во одгледувалиштето пред да се однесат во преработувачките капацитети, фармерите ќе добиваат по 1.500 денари.
Овчарите за најмалку 30 обележани овци ќе може да добијат по 1.000 денари за секое животно чувано до 30-ти ноември, а за сочувано женско јагне по 700 денари. Дополнително следуваат и 400 денари за секое предадено животно во регистриран кланичен капацитет.
Субвенциите во козарството се 1.300 денари, а за задржано женско јаре 700 денари со услов фармерите да имаат стадо од минимум 10 кози.
Доплатата за предаденто млеко во регистрирани преработувачки капацитети во краварството е 3,5 денари, а за овчото и козјото млеко 4,5 денари за литар. За млеко од екстра класа се добиваат по 10 денари повеќе.
извор: mrt.com.mk