Нова сезонска авиолинија Скопје-Измир почнува од утре, втори јуни 2022 година, која ќе го поврзува македонскиот главен град со еден од турските туристички бисери на Егејското море, известуваат од ТАВ Македонија.
Две авиокомпании, Пегасус ерлајнс (Pegasus Airlines) и Санекспрес (Sunexpress), ќе летаат на оваа авио-рута, во текот на целата летна сезона, односно од почетокот на јуни до крајот на октомври.
Авиопревозникот Пегасус почнува да лета на релација Скопје-Измир од утре, втори јуни, и ќе лета до 27-ми октомври, секој четврток, со време на пристигнување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 14 часот и 20 минути и време на полетување за Аеродромот Аднан Мендерес во Измир, во 15 часот и 20 минути; како и секоја недела, со време на слетување во Скопје во 9 часот 55 минути и време на полетување за Измир во 10 часот и 45 минути.
Авиопревозникот Санекспрес ќе почне да лета на истата авиолинија на 12-ти јуни и ќе лета до 2-ри октомври и тоа секоја недела, со време на слетување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 1 часот и 35 минути и време на полетување за Аеродромот Аднан Мендерес во Измир во 2 часот и 25 минути.
За сите детали во врска со резервации и продажба на авиобилети, од ТАВ Македонија ги упатуваат патниците да ги посетат веб-страниците на:
• Авиокомпанијата Pegasus Airlines www.flypgs.com/
• Авиокомпанијата Sunexpress www.sunexpress.com/en/
Од ТАВ Македонија очекуваат зголемен авиосообраќај во престојната летна сезона и на двата македонски аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје, од каде што во моментов се лета до 43 дестинации и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, од каде што моментално има летови до 13 дестинации.