Кога бил мал сакал да стане доктор, денес е голем и е доктор за бради. Ако сакате и во буквална смисла затоа што Владо Сејменовски создава производи преку кои се грижи пуштените бради да бидат убаво негувани, исчешлани, здрави и секогаш чисти. Неговата бизнис идеја се јавила поради лична потреба долгата брада која ја расте веќе 11 години секогаш да биде уредна и негувана. Кога постојаното купување производи од странство за нега на брадата веќе станало заморно креативниот инает го создал sVbeardcare. Еве како почнало се...
...Бидејќи често патувам секогаш си купував од странство масла наменети токму за нега на влакното на брадата бидејќи кај нас ги немаше, и читајќи го составот на едно од нив сфатив дека тоа масло е уствари мешавина на сите оние масла што јас ги користам едно по едно. Така и започна се, почнав да истражувам, пробував рецепти, миксав масла и мириси, идејата дека еден ден сакам да имам некој свој производ си тлееше во мене но никогаш не го правев тоа за поголема маса на луѓе туку само за себе и за некои мои пријатели. Првото масло што го направив го дадов подарок, така и започна целата приказна на sVbeardcare.
На почетокот најголемиот страв бил околу набавката на суровините и амбалажата но со доволно добар план и поддршка од семејството и пријателите Владо својата замисла успеал да ја реализира во успешен бизнис концепт. Единствен од ваков тип во Македонија.
Во моментов палетата на производи на sVbeardcare брои 14 производи: 5 масла за брада со различен мирис, балсам за брада со мирис на портокал и ванила, балсам за брада и коса, сапуни со мирис на портокал и ванила, восок за бркови, балсам за усни, рачно направен чешел од буково дрво, а најпродавани се секако маслата за брада. Иако морам да напоменам дека истите ги купуваат и девојки и жени за нега на влакното на косата, - вели гордо Владо.
Прашавме и каде и како се миксираат, креираат и пакуваат производите и од каде се набавуваат состојките?
-sVbeardcare има еден слоган: Made in a small lab with a lot of love. Тоа кажува се како и каде се направени нашите производи. Состојките за среќа сега се почесто ги има во нашата држава и ги набавуваме од тука, а амбалажата ја набавуваме од Србија. Сите производи се направени исклучиво од 100% природни органски масла и путери, без парабен и хемикалии.
Производите се продаваат online преку Facebook или Instagram страната на sVbeardcare, се прави достава до сите градови низ Македонија, а во Скопје исто така можат да се набават и во Art Of Living Bio Shop кој се наоѓа на бул. Климент Охридски бр.48. Цените на производи се движат од 200 до 800 денари.
Владо е горд на начинот на кој му расте бизнис концептот, па ќе каже:
-Нема ништо поважно и поубаво од тоа да го работиш она што те исполнува, што го сакаш и кога гледаш дека многу луѓе се задоволни од твојот производ. Тоа дава уште поголем мотив за работа. sVbeardcare постои како бренд две и пол години и искрено горд сум многу на она што го постигнавме, од едно направено шише масло за подарок ,сега се прават над 500 масла месечно, балсами и сапуни.
Иднината ја замислува во некоја поголема лабораторија и worldwide shipping, но и нови идеи и планови кои никогаш не му недостасуваат.
Владо има совет за сите оние кои имаат некоја идеја во глава, а се плашат да ја реализираат:
-Нема потреба од плашење, неуспех е само она кое нема да пробаш да го направиш во животот, секој пад за мене е успех кој би требало да ти дава мотив за нешто повеќе, за поголеми идеи и поголеми достигнувања, само следете го срцето, ако тоа вели дека идејата е одличен бизнис, САМО НАПРЕД!
Последното прашање упатено кон Владо ја формираше целосната слика за ова кретивно брадесто момче чија бизнис приказна заслужува внимание:
Владо како се дефинираш себе си, како Комита или Хипстер?
-Комита не сум сигурно, иако секогаш сум сакал да имам и јавам коњ. Како хипстер исто така не се дефинирам. Не знам. Јас сум само уште еден лик од градот кој сака да има чиста, здрава и негувана брада. Ништо повеќе.
И ние остануваме на тоа. Не додаваме ништо повеќе на оваа убава приказна.
Владо, брадата нека оди удолу а бизнисот угоре!
Редакција на Вработување.ком