Повеќе од 3.300 работници во 70 компании во Обединетото Кралство, почнувајќи од мали локални бизниси до големи финансиски фирми, денеска почнуваат со четиридневна работна недела без намалување на платите.
Ова се случува како дел од најголемото светско тестирање на нов модел на работа.
Истражувањето се заснова на шемата 100:80:100, што значи примање 100 отсто од платата за 80 отсто од работното време, во замена за задолжително одржување на 100 отсто продуктивност.
„Како што излегуваме од пандемијата, сè повеќе компании препознаваат дека квалитетот на животот е нова граница што ја дели конкуренцијата и дека работата со скратено работно време е фокусирана на резултатите, алатка која им дава конкурентска предност“, рече Џо О. Конор, извршен директор на непрофитна група „4 дена во неделата на глобално ниво“.
Меѓу оние кои учествуваат во овој тест се компании кои обезбедуваат образование, советување на работното место, домување, нега на кожата, регрутирање градежни работници, даватели на услуги за храна и пијалаци и дигитален маркетинг …
Истражувачите ќе работат со секоја организација што ќе учествува во проектот за да го измерат влијанието на скратената работна недела врз продуктивноста на бизнисот и благосостојбата на работниците, како и влијанието врз животната средина и родовата еднаквост.
Џулиет Скор, професорка по социологија на Бостонскиот колеџ и главен истражувач на овој пилот проект, го опишува потфатот како „историски експеримент“.
„Ќе анализираме како реагираат вработените на дополнителен слободен ден, во однос на стресот и исцрпеноста на работа, нивното задоволство од работата и животот, здравјето, спиењето, користењето електрична енергија, патувањето и многу други аспекти од животот“, објаснува таа.
Додава дека четиридневната работна недела генерално се смета за политика на тројни придобивки – им помага на вработените, компаниите и климата.