Маск е обвинет за продажба на криптовалути догекоин преку пирамидална шема
Илон Маск е тужен за 258 милијарди долари од инвеститор на догекоин кој го обвини дека води пирамидална шема за трансфер и продажба на криптовалутите.
Во тужбата поднесена до федералниот суд на Менхетен, тужителот Кит Џонсон ги обвини Маск, Тесла и SpaceX (компанија каде Маск е извршен директор) за рекетирање и за рекламирање на Dogecoin и зголемување на неговата цена, само за да направи да пропадне. Во жалбата се наведува дека колапсот на догекоин започнал во периодот кога Маск бил гостин на „Сатрдеј Најт Лајв“ на NBC и, глумејќи лажен финансиски експерт, го нарекол догекоин „зделка“.
„Обвинетите беа свесни уште од 2019 година дека догекоин нема вредност, но сепак тие го промовираа за да профитираат од неговата трговија“, се вели во жалбата. „Маск го искористи својот пиедестал на најбогат човек на светот за да управува и да манипулира со пирамидалната шема на догекоин за профит“.
Џонсон бара отштета од 86 милијарди американски долари, поради падот на пазарната вредност на догекоин од мај 2021 година и сака таа да се зголеми тројно. Тој, исто така, бара Маск и неговите компании да не го промовираат догекоин и судијата да одлучи дека тргувањето со догекоин е коцкање според федералните и њујоршките закони. Во февруари 2021 година, Тесла соопшти дека купил биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари и дека ги искористил за плаќање на возила. Криптовалутата родена во 2013 година, и покрај колапсот во последните неколку недели, сепак има капитализација од 7,68 милијарди долари. Догекоинот вчера се тргуваше за околу 5,8 центи, што споредено со својот врв пред една година кога вредеше околу 74 центи, е намалување на вредноста за повеќе од 92%.