Во 2021 година, нивоата на цени за стоки и услуги за широка потрошувачка бележат големи разлики меѓу земјите членки на Европската унија (ЕУ), објави „Евростат“.
Нивната анлиза покажува дека Данска и Ирска имаат највисоки нивоа на цени во Европа. Двете земји бележат дури 40 отсто повисоки цени од просекот во ЕУ, па кај нив процентот достигнува 140 и е највисок во ЕУ. По овие земји следуваат Луксембург со 132 отсто, па Шведска со 128 проценти и Финска (126 отсто). Најниски нивоа на цени се забележани во Полска (60 проценти) и во Романија и Бугарија (и двете од 56 отсто).
- Најголеми разлики има во цените на рестораните и хотелите, како и кај алкохолните пијалоци и тутунот. Во 2021 година, нивото на цените за рестораните и хотелите беше речиси 3,4 пати повисоко во најскапата земја отколку во најевтината. Нивоата на цените се движеа од 46 проценти од просекот на ЕУ во Бугарија, 54 отсто во Романија и 62 проценти во Унгарија, до 155 отсто од просекот во Данска, 137 проценти во Шведска и 133 отсто во Финска - се наведува во извештајот на „Евростат“.
Алкохолот и тутунот се рангирани на второ место во однос на разликата во нивото на цените, со најниски нивоа на цени регистрирани во Бугарија (64 отсто од просекот на ЕУ), Полска (72 проценти) и Унгарија (79 отсто). Убедливо највисоки цени има во Ирска (205 проценти), по што следува Финска (173 отсто), Шведска (136 проценти) и Данска и Франција (и двете по 134 отсто). Оваа голема варијација на цените главно се должи на разликите во оданочувањето на овие производи.
Храната и безалкохолните пијалоци најевтини во Романија (69 отсто од просекот на ЕУ) и Полска (72 проценти), додека најскапи во Луксембург (125 отсто од просекот), Данска (120 проценти) и Ирска (119 отсто).
Облеката е група на производи каде цените се разликуваат помалку меѓу земјите-членки. Облеката е најевтина во Бугарија, а најскапа во Данска. Личната транспортна опрема, исто така, забележа помала разлика во цените меѓу земјите-членки, при што Полска е најевтина, а Данска најскапа. Разликите во цените беа ограничени и за потрошувачката на електроника, најевтина во Полска, најскапа во Холандија.