На сончевите ридови во близина на Сан Франциско во САД никнуваат легални плантажи за одгледување канабис во сопственост на сопственици Бугари, кои здружено преку роднински врски го контролираат бизнисот, а како работници се ангажирани луѓе од Балканот, односно за работа на терен исклучиво од Србија, Македонија и Црна Гора, објави „БГ Војс“.
Сопствениците на плантажите во реонот, прочуен на Балканот како "рајот на канабисот", сепак ретко вработуваат Бугари, бидејќи не ги сметаат за доволно сигурни. Србите, Црногорците и Македонците се најпосакувани, кои често заработуваат 5000-6000 долари месечно, вели BG Voice, повикувајќи се на извор кој работел на плантажите а во САД живее од свои 15 години.
Соговорникот вели дека работата е добро платена, но условите се тешкоприфатливи, затоа што на плантажите мора да се живее како во затворена заедница, од која нема излегување додека трае работниот однос, односно на сите им е забрането да излезат, освен на еден најдоверлив човек кој оди во Сан Франциско само за снабдување со намирници. Изворот вели дека младите често, иако поминуваат со месеци на полињата со канабис, не знаат дека работата е опасна по здравјето, затоа што растенијата се прскаат со пестициди и хербициди.
Во Калифорнија одгледувањето канабис е дозволено, за разлика од повеќето американски држави. Таму ја сметаат за „новото злато“ во прехранбената, козметичката и фармацевтската индустрија. Медицината испитува дали може да им помогне на терапиите во третманот на рак, епилепсија, дијабетес, мултиплекс склероза, проблеми со кожата и така натаму.
извор: faktor.mk