Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек
Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер“ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и сл. Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, додека сериското производство треба да започне во 2024 година.
Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ отвора нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 во која ќе вложи над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на Технолошко-индустриските Развојни Зони (ТИРЗ).
Одлуката за инвестицијата на компанијата ја соопшти потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел.
Директорот на ТИРЗ, Деспотовски нагласи дека со ова Македонија влегува на мапата земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата. Тој додаде дека ова се должи на новиот концепт на ТИРЗ кој се базира на препознавање на потребите на инвеститорите и флексибилниот пристап.
На состанокот потпретседателот на „Гересхајмер“, Бургел истакна дека Македонија има одлична клима за водење бизнис. Пристапот до квалитетна инфраструктура, соодветна квалификувана работна сила и добрите пракси на работење биле клучни за одлуката за оваа голема инвестиција, нагласија од менаџментот на компанијата „Гересхајмер“.
Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер“ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и сл. Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, додека сериското производство треба да започне во 2024 година.
„Гересхајмер“ во ТИРЗ 2 веќе го реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија. Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.
Со успешната реализација на двата проекти на „Гересхајмер“, Македонија ќе прерасне во една од најатрактивните инвестициски дестинации на компанијата за сите идни планови за проширување на активностите во Европа.
„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канили, шишенца за вакцини и сл. Оваа компанија има погони за производство во над 36 локации во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.