Родена во Охрид, својата љубов кон бројките ја развива во природно-математичката гимназија, за потоа да ги заврши своите студии на Архитектонскиот факултет во Скопје. Вели дека и покрај тоа што повеќето луѓе ги сметаат градежните професии за машки, таа својата професија не ја дели на машка или женска, а за да се стане добар архитект е потребно многу работа, учење, труд и талент
Весна Савинова е архитект во BREON речиси 6 години, а за своите почетоци во компанијата вели дека не бил воопшто лесен предизвик и покрај тоа што веќе зад себе имала професионално работно искуство.
Најпрво, мора да прифатиш една поинаква филозофија на размислување и дисциплина на работа, а потоа и да совладаш одредени стандарди и критериуми кои ги диктира швајцарскиот пазар. Се работи во софтверскиот програм Allplan, а притоа целокупната кореспонденција и работа во компанијата се одвива на германски јазик. Секако, сето стекнато знаење во овој период е неизмерно богатство за мене – вели Весна за редакцијата на Vrabotuvanje.com
Бидејќи компанијата соработува исклучиво со клиенти од Швајцарија, прашавме на кои проекти работи тимот на BREON во моментов?
-Последниот проект на кој работевме е моделирање и реконструкција на еден стар објект во центарот на Цирих, а сега почнуваме и еден нов објект за повеќесемејно домување во близина на Луцерн.
Сакавме да дознаеме повеќе за Весна како архитект, па прашавме што претставува најголемото задоволство во нејзината професија и што е она што ја прави горда и ја мотивира да работи посветено и фокусирано?
-Секој нов проект е нов предизвик, со многу прашања што треба да се разрешат за да се постигне посакуваниот резултат. Одговорите ги наоѓаме некогаш полесно, некогаш потешко, а често се соочуваме со временски притисок ама најважно од се е на крајот клиентите да се задоволни и нашиот продукт – планот кој го работиме да биде максимално корисен на градилиштето. Задоволството е најголемо кога ќе видиш изведен објект на кој си работел заедно со извонреден тим на докажани архитекти и градежни инженери.
Весна е дел од BREON скоро 6 години. Овој факт не натера да прашаме што е тоа што BREON го нуди, а е различно од останатите компании во дејноста?
-BREON нуди можност за работа во една поинаква средина, работа по швајцарски стандарди и барања, работа со нова технологија и софтвер од областа, запознавање со поинаков пристап и знаење во процесот на проектирање и градење. Најважно е тоа што се запознаваш со извонредна професионална комуникација меѓу сите инволвирани страни во работата како што се архитекти, инженери и изведувачи-инженери. Имавме можност со колегите во неколку наврати да ги посетиме и објектите на кои работиме во Швајцарија.
Освен по чувството за квалитет, BREON е препознатлив и по Social Friday иницијативата која се роди токму во оваа компанија, а на светско ниво има нешто над 6.000 поддржувачи. Сакавме да дознаеме како Social Friday влијаеше на вработените во BREON?
-Сега веќе после два големи Social Friday настани и неколку помали кои претходно ги организиравме, можам да кажам дека чувствувам големо внатрешно задоволство и гордост. Иницијативата Social Friday ни го развива чувството за општествена одговорност бидејќи со помош на тие активности на многу позитивен начин придонесуваме за подобрување на нашата локална заедница. Во исто време, таа не потсетува да посветиме време, да помислиме на другите, да дадеме, но и да примиме многу позитивна енергија од сите околу нас, особено од децата.
За крај, ја прашавме Весна што би им порачала на сите архитекти и градежни инженери кои сакаат да станат дел од BREON?
-Ги охрабрувам да се обидат да влезат во една работна средина која нуди предизвик на мислата во инженерската и архитектонската професија, која ги отвора видиците малку подалеку и да бидат многу љубопитни и трпеливи во својата работа.
Весна, ние ти посакуваме уште многу нови предизвици и успешни приказни како на тебе, така и на целокупниот тим на BREON, а на сите архитекти и градежни инженери кои се заинтересирани за кариера во вашата компанија да не се двоумат да го испратат своето CV бидејќи лично се уверивме во тоа дека BREON е една исклучително модерна и напредна компанија којашто се грижи за своите вработени да го реализираат потенцијалот на сопствениот талент и да бидат промена во своето општество.
Прочитајте и: Интервју со Фикрет Зендели, директор на BREON: “Се вратив од Швајцарија бидејќи верувам во македонскиот талент“