Комисијата за заразни болести в петок ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со коронавирусот во државата, потврдија за МИА од Комисијата. Согласно вчерашната статистика, позитивни се 34 проценти од вкупниот број тестирани, а нема починати лица.
До вчера активни беа 1.889 случаи на коронавирусот. Најмногу активни случаи имаше во Скопје – 1.045, додека во Крушево, Демир Капија, Македонска Каменица и Пехчево немаше регистрирани случаи на коронавирусот.
Додека во државата состојбата со КОВИД-19 засега е стабилна, регионот се подготвува за новиот бран на вирусот.
Во Бугарија од понеделник се враќа носењето заштитна маска. Како што изјави за БНР главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев, Бугарија се соочува со нов бран на Ковид-19 и варијанта на вирус кој се шири многукратно побрзо, со што мора да бидат подготвени за секоја ситуација.
И во Албанија продолжува трендот на раст на нови случаи на КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 1 215 случаи на вирусот, или 46,3 отсто од тестираните се позитивни.
Во Австрија драстично се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот и во последните 24 часа се регистрирани 15.149 нови случаи, што е бројка што претходно беше забележана на почетокот на април. Во последните 24 часа починаа девет лица заразени со корона.
Светската здравствена организација апелира дека Ковид-19 сè уште е глобална вонредна состојба, речиси две до две ипол години откако првпат беше прогласена.
Целиот текст е на vesnik.com