Цел свет е во страв од поскапување. Економскиот раст е забавен, годинава во Европската унија ќе биде 2,7 отсто, следната година ќе биде само еден и пол отсто. И инфлацијата достигна историски максимум - 7,6 отсто во еврозоната, а 8,3 отсто во Европската унија
Инфлацијата стигна до сите делови на светот, а според експертите, ќе остане неколку години. Глобална стапка на инфлација ќе биде во просек 7,7 проценти. Ова е еден од резултатите на заедничкото истражување на германскиот и швајцарскиот Институт за економска политика, во кое учествуваа околу 100 земји и 660 економисти.
Особено високи стапки на инфлација, над 20 отсто, се очекуваат во Јужна Америка, Северна и Источна Африка и Западна и Централна Азија. Цените ќе растат релативно бавно - во Северна и Централна Америка и поголемите делови од Европа, каде што очекуваната стапка на раст е под 10 проценти.
„Активностите на Москва го нарушуваат снабдувањето со енергенси и жито, ги зголемуваат цените и ја ослабуваат довербата. Во Европа, моментумот на повторно отворање на нашите економии ќе го поддржи овогодишниот раст, но за 2023 година значително ја ревидиравме нашата прогноза. Се очекува рекордно високата инфлација да достигне врв подоцна оваа година и постепено да опаѓа во следната“, вели Паоло Џентилони, европски комесар за економија.
Инфлацијата е невообичаено висока во Германија, економски најсилната земја во Европа. Зголемените цени ги загрижуваат граѓаните повеќе отколку војната во Украина или пандемијата. Речиси една третина стравуваат дека ќе мора да го променат начинот на живот. Сè поголем број жители бараат помош во банката за храна во Дизелдорф.
„Веројатно никогаш повеќе нема да го достигнеме просекот од пред кризата. Драматичната социјална криза веројатно ќе се влоши во наредните месеци и не гледаме крај на инфлацијата“, вели Марсел Фрејзер од Германскиот институт за економски истражувања.
Спиралата на поскапувања во Австрија. Брашното поскапе за 129 отсто, путерот за 76 отсто, а јајцата за речиси 50 отсто. Стопанската комора бара привремено намалување на ДДВ за прехранбените производи и воведување строга контрола на цените. Инфлацијата го загрижува канцеларот, кој со својата неодамнешна изјава ја разбранува јавноста:
„Ако инфлацијата продолжи вака, имаме само две опции - алкохол или средства за смирување“, рече Карл Нехамер, канцелар на Австрија.
Американците имаат најголема инфлација во изминатите 40 години - 9,1 отсто, најмногу поради поскапувањето на горивата и храната.
Повторно растат линиите пред банките за храна низ Америка, каде што има се повеќе нови корисници.
„Цените на храната се превисоки и секојдневно се зголемуваат. Мило ми е што има кој да ни помогне“, вели еден жител на Калифорнија.
Неприфатливо високите бројки го загрижуваат претседателот Бајден, борбата против инфлацијата е приоритет, вели тој.
Федералните резерви ги зголемија каматните стапки за 0,75 отсто до крајот на јули. Аналитичарите велат - треба што побрзо да се интервенира. Колку подолго чекате, толку подрастични ќе бидат мерките.