Енергетската криза со значителните поскапувања на нафтените деривати годинава доведе до намалување на увозот на возила од странство поради намалениот интерес за набавка на возила од граѓаните. Во Македонија во првите шест месеци од годинава биле увезени 10.666 половни автомобили, камиони и автобуси, додека 3.272 од возилата биле увезени како нови.
Падот на интересот за купување на возила се случува во период кога цените на бензините и дизелот на бензинските пумпи се искачија на над 100 денари за литар, при што ова се рекордни цени на нафтените деривати што се незабележани во изминативе години, а се појавија како последица на драстичното поскапување на цената на нафтата на светските берзи.
Увозот на постар возен парк од странство доведува до зголемено ниво на загадување на воздухот во македонските градови, којшто изразито се чувствува за време на зимските месеци, во комбинација со нееколошкото затоплување на домовите, палењето отпад на отворено и загадувањето од индустриските капацитети. Воедно, веќе е докажано во официјалните извештаи за климатски промени на земјава дека емисиите на стакленички гасови од транспортот растат.
Притоа, од 2016 година до денес, во Македонија се увезени дополнителни 200.000 половни возила од странство, што пак неминивно ќе доведе до значителен пораст на емисиите на стакленички гасови од патниот транспорт, којшто во секторот Енергетика се приближува како удел до опасното загадување од термоелектраните на јаглен во земјава.
Доколку не се заостри регулативата за увоз на половни возила од странство, во Македонија ќе продолжи напливот на автомобили, автобуси и камиони што испуштаат големи количества на штетни материи во воздухот.
Сите дополнителни информации на оваа тема може да ги прочитате на meta.mk