Без разлика дали се работи за индустрија, болници или занаети – недостигот на работна сила е сè поголем проблем во Германија. Доаѓањето на работници од странство не функционира како што беше замислено. Сега треба да се реформира Законот за имиграција, пишува Deutsche Welle.
Возовите се откажани бидејќи нема доволно машиновозачи. На аеродромите се трупаат куфери затоа што нема кој да ги претовари. На безбедносните пунктови луѓето губат нерви бидејќи редиците се премногу долги и не стигнуваат до авионите. Градинките ги повлекуваат потврдите за прием бидејќи нема доволно воспитувачи.
Загрозени се 148 занимања
Германската агенција за труд бележи недостиг на работна сила во 148 занимања, а уште 122 занимања се загрозени. Во просек, потребни се осум месеци додека дом за стари лица не најде негувател. Градежните фирми во просек чекаат половина година додека не најдат работници. Ширум земјата беа објавени огласи за над 1,7 милиони слободни работни места.
Недостигот на работна сила не се појави одеднаш. Германија годишно губи околу 350.000 членови на работоспособната генерација. Во исто време, демографски силните генерации ќе заминат во пензија само за неколку години. Експертите пресметале дека до 2035 година на пазарот на трудот ќе има недостиг од седум милиони работници.
извор: biznisinfo.mk