Најголемиот руски производител на автомобили „Автоваз“ објави дека на работниците во фабриката во Ижевск им нуди еднократна исплата од околу 3.000 долари за доброволно да ги напуштат своите работни места
„Автоваз“ го обнови производството на некои од своите популарни модели на „Лада“ во својата главна фабрика во Тољати во јуни, откако делумно го прекина производството во пролетта поради недостиг на електронски делови поради санкции, пренесува Ројтерс.
Компанијата, чиј долгогодишен акционер Рено во мај го продаде својот удел на руски инвеститор, не можеше да го рестартира производството на моделот Лада Веста, поради што во март испрати 3.200 вработени од својата фабрика во Ижевск на платен одмор.
Автоваз во средата предложи работниците во фабриката во Ижевск, град со околу 645.000 жители лоциран на околу 1.200 километри источно од Москва, или да најдат нови работни места во компанијата или да дадат отказ со заеднички договор.
На оние кои ќе одлучат да заминат, ќе им биде понудена еднократна отпремнина во вредност од околу пет до седум просечни месечни плати или околу 12 минимални плати, што беше одобрено од државата. Максималната исплата би била 183.348 рубли (околу 3.000 евра).
„Автоваз“ нагласува дека компанијата не планира масовни отпуштања, а предложените мерки се чисто доброволни за секој вработен“, соопштуваат од компанијата.
Руската автомобилска индустрија, која во голема мера се потпира на странски компоненти и опрема, е погодена од глобален недостиг на полупроводници и неодамнешниот егзодус на меѓународни производители од Русија поради конфликтот во Украина.
Бидејќи многу погони за склопување автомобили се наоѓаат надвор од Москва во помалите градови, руските производители на возила генерално се одлучуваат да не ги намалуваат работните места, туку да ги задржат вработените на платен одмор или да ги намалат работните часови и платите поради моменталната ситуација.