Бесплатно пливање за сите првачиња и деца со попреченост од основните училишта во општината за правилен и подобар психо-физички развој на најмладите, се предвидува со најновиот проект на Општина Аеродром насловен „Учиме да пливаме”.
Проектот кој е изработен во соработка со Сојузот за училишен спорт на Општина Аеродром и во реализација на Скај велнес, предвидува создавање услови за најмладите да добијат соодветна обука и совладување на вештините за пливање, кое има клучна улога во правилниот психо-физички развој и здравјето на децата.
„Учиме да пливаме” е проект кој предвидува олеснување на семејниот буџет на секое семејство на територија на Општина Аеродром кои имаат дете во прво одделение или дете со попреченост. Со субвенционирањето, сите опфатени ученици добиваат: часови пливање, опрема за пливање (капа, наочари), пешкир, сертифициран спортски едукатор како и превоз на учениците од училиште до базенот и назад до своите домови.