По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните од 11 часот ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии.
Во текот на денов ќе бидат отворени археолошките локалитети Стоби и Херaклеја, потоа Музејот во Охрид и Куќата на Робевци, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност , Даут-пашиниот амам и Чифте амам.
Низ државава, на Отворениот ден на музеите по повод празникот, вратите ќе бидат отворени од 9 до 17 часот и во музеите и заводите во: Прилеп, Струмица, Куманово, Гевгелија, Штип, Крушево; во Уметничката галерија во Тетово и во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.
Театарот за деца и младинци, за својата верна публика, на Денот на независноста кај Школката во Градскиот парк во Скопје ќе ја изведе куклената претстава „Лакомата меца”. Режијата е на Дарин Петков, а играат Владимир Лазовски, Катарина Илиевска-Силјановска и Ана Левајковиќ-Бошков.
извор: 24info.mk