Цената на станбениот квадрат во земјава ќе расте, главно поради високите трошоци што ги имаат компаниите за струја, репроматеријали и горива, но и како резултат на злоупотреби на состојбата и интересот на граѓаните да инвестираат во недвижнини, велат градежници и познавачите на пазарот на недвижнини.
Според нив, сегашната цена во одделни делови на Скопје е енормно зголемена како резултат на големата побарувачка, на која нема соодветна и квалитетна понуда.
Цената на квадратен метар, според она што може да се види во огласите во Центар и Карпош во просек е од 1.700 до 1.800 евра некаде достигнува и до 2.000 евра. На продажба во овие населби главно се стари станови, но има и новоградби. Во другите делови од Скопје цените се малку пониски и се движат од 950 до 1.600 евра.
Трендот на високи цени на недвижнините не ги одминува ниту другите градови во земјава. Квадратот најскап е во Охрид каде што достигна 1.450 евра, барем според она што се нуди од агенциите за недвижнини.
Градежниците велат дека цените ги билдаат високите трошоци за репроматеријали, енергија и транспорт кои ги имаат, но и интересот на потрошувачите да инвестираат во недвижнини.
Пресметките направени од експертите, говорат дека дел од репроматеријалите кои ги користат градежниците имаат пораст и од 200 отсто поради цената на струјата и горивата, а не се знае уште колку ќе растат.
– Како пример би навел дека цената на цементот е зголемена од 70 евра на 108 евра за тон, бетонот не може да се набави под 23.000 евра, а цената на струјата со која работиме е 900 евра и ќе расте. Дел од производителите на репроматеријали поради цената на струјата ги затворија погоните и набавуваат на пазар производи бидејќи им е поевтино да ги купат отколку да ги произведат. Посебно драстичен скок на цените ќе има кај челичните конструкции каде што огромен процент во цената влегува струјата која се користи во нивно производство – велат екпертите
Дека цените на становите не запираат да растат покажуваат и податоците на Народна банка кои се однесуваат на период од шест месеци. Во вториот квартал, според овие податоци растот на цената на становите е за 16,5 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни 2022 година се издадени 277 одобренија за градење, од кои 132 или скоро половина се за објекти од високоградба. Најмногу од нив во скопскиот регион 78 од кои во Центар се дадени само 3 одобренија за градба, а во Карпош се издадени 16 одобренија за градба.