Германскиот производител на пиво „Радебергер“ објави дека поради драматично зголемување на трошоците ќе ја затвори фабриката во Франкфурт.
„Најдоцна до октомври 2023 година Групацијата ‘Радебергер’ ќе ги прекине активностите за производство и флаширање на локацијата во Франкфурт, т.е. во пиварницата ‘Биндинг’ и постепено ќе ги префрли марките и количините произведени и флаширани таму на сестринските локации“, објавија од фабриката.
Околу 150 работници би требало да останат без работа, а од компанијата нагласуваат дека „секаде каде што е можно, бараат општествено прифатливи решенија“, како хонорарна работа за постари работници и работа во други погони.
Седиштето на Групацијата „Радебергер“ останува во Франкфурт. Поради драстичното зголемување на цените на суровините, енергенсите и логистиката, групацијата веќе ги зголеми цените на пивото, но тоа долгорочно не ги реши проблемите, потенцираат оттаму.
„ Со оглед на сегашните кризи, огромниот товар со кој се соочуваат германските производители на пиво и, последно, но не и најмалку важно, драматичната експлозија на трошоците со која ние како индустрија треба да се справиме, ситуацијата за жал стана неодржлива“, рече портпаролот Гидо Мокел.