Усвоен е договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на договорот за слободна трговија. Истиот ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Со договорот се овозможува размена на професионалци кои поседуваат професионална квалификација за доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти, во формат којшто ќе ги отстрани бариерите на националното законодавство.
Овој Договор обезбедува повеќекратна добивка бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан.
Договорот претставува голем успех во изнаоѓањето заеднички, практични и транспарентни решенија за подобрување на праксите за признавање на високото образование, преку воспоставување стандард и постапки за признавање на високообразовните квалификации.
Со признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, високото образование, како што се наведува, се препознава како јавно добро и јавна одговорност и се подига свесноста за потребата да се поддржат и заштитат принципите на академската слобода и автономијата на високообразовните институции.