Значително поголем број на станови отколку домаќинства регистрираше Државниот завод за статистика при пописот направен минатата година. Може да се забележи дека скоро и да нема населено место во Македонија каде бројот на станови е помал од бројот на домаќинства.
Притоа се забележува дека големи разлики меѓу бројот на домаќинства има и во региони, и населени места кои важат за атрактивни и привлечни за живот, односно за кои има голем интерес за живеење.
Бројките велат дека во главниот град има 171.171 домаќинства, пропратени со 213.850 станови. Во општината Аеродром има 27.895 домаќинства и 35.337 станови. Во општина Бутел разликата е малку помала, па има 10.968 домаќинства со 12.324 станови. И Гази Баба има разлика и тоа 22.509 домаќинства со 26.543 станови.
Поизразити разлики меѓу бројот на домаќинства и бројот на станови има во општините Карпош и Центар. Па така во Карпош се регистрирани 24.589 домаќинства, со 32.115 станови, додека во Центар каде има 17.068 домаќинства, а 27.065 станови.
Деталите за сите скопски општини може да се видат и на сликата, а воочливо е што нема општина каде бројот на домаќинства и станови е изедначен
Но, Скопје не е единствениот град во Македонија каде има разлика меѓу домаќинствата и становите. Напротив, разлики има во скоро сите населени места.
Меѓу градовите кои имаат отстапки се и местата кои важат за туристички центри во нашата земја, или локации за викенд „прибежиште“ како што се Охрид, Струга Берово, Дојран, Маврово...
Па така во Охрид, ДЗС регистрирале 18.368 домаќинства, а скоро дупло станови или дури 33.660 станови. Слична е состојбата и во Струга, каде има 14.606 домаќинства, со 22.668 станови.
Во Берово и Дојран разликите се исто така двојни, но бројките на домаќинства и на станови не се толку големи. Па така, Берово брои 4.143 домаќинства, а дупло станови или 8.683 станови. Слично е и во Дојран, каде има 1.066 домаќинства, со 3.147 станови.
Во општината Маврово и Ростуше разликата е уште поизразена, па таму ДЗС регистрирале 1.597 домаќинства, со 5.658 станови.
Но, податоците покажуваат дека значителни разлики меѓу бројот на домаќинства и бројот на станови има скоро насекаде. Големи разлики има и во градовите Штип (16.695 домаќинства со 22.590 станови), Прилеп (24.607домаќинства со 33.080 станови), Битола (30.154 домаќинства со 43.724 станови)...
Единственото населено место во земајва каде бројот на домаќинства и бројот на станови во една општина е сличен, па дури има повеќе домаќинства од станови е општината Арачиново, каде според ДЗС има 2.848 домаќинства со 2.815 станови.
Иако е јасно дека во одредени региони има поголем број станови и поради тоа што се привлечни дестинации за релаксација, сепак, напуштањето на населените места во земајва најмногу алармира на иселување, што секако се потврди и во намалениот број на државјани кој согласно пописот изнесува 1.836.713 жители.
извор: Фактор