Според извештајот за работењето на ЈСП „Скопје“ во периодот од јануари до септември годинава се поднесени 5.684 пријави од контролорите, се одземени 413 електронски картици на патниците и се наплатени 2.350 доплатни билети.
Немав време да ја надополнам картичката“, „Само што се качив и немав време да платам затоа што веднаш ми ја проверивте картичката“, „Немав пари за да ја надополнам картичката“. Ова се само дел од изговорите што ги користат патниците што не платиле за возење во некој од автобусите на ЈСП „Скопје“ или во автобусите на приватните автобуски превозници.
Па така, и покрај високите парични казни што можат да ги добијат, особено ако „завршат“ кај извршител, кои во тој случај можат да достигнат износ од 7. 000 до 9.000 денари, дел од граѓаните и натаму избегнуваат да си платат карта за превозот што го користат. Дека нивниот број не е воопшто мал, говорат и податоците добиени од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, според кои јасно се гледа дека граѓани што се возат во автобусите, а не плаќаат има од сите возрасни групи, во сите периоди од денот и на сите линии.
– Согласно извештајот за работењето на ЈСП „Скопје“ во период јануари – септември 2022 година, во посочениот период има поднесено 5.684 пријави од страна на контролорите, потоа им се одземени 413 електронски картици на патниците и им се наплатени 2.350 доплатни билети – стои во извештајот на ЈСП.
Висината на казната за непоседување билет или неуредно валидиран билет зависи од тоа кога ќе се плати глобата. На патникот без билет му е дадена можност во рок од 10 дена да плати казна од 1.000 денари. Притоа, тој треба да добие записник од контролорот, а картичката „Скопска“, доколку ја поседува, а притоа не се валидирал, може и да му биде одземена.
– Во случај да не ја плати посочената глоба, ЈСП „Скопје“ праќа предлог за прекршочна постапка на патникот до Инспекторатот на Град Скопје, а оттаму случајот го процесуираат до Министерството за транспорт и врски. Во овој случај, затекнатиот патник има рок од 15 дена да плати глоба од 50 евра. Доколку и тогаш патникот не ја плати казната, случајот се проследува до извршител, практично, крајна инстанца за наплата на казната за возење без билет. Во овој случај казната изнесува од 7.000 до 9.000 денари – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.
извор: slobodenpecat.mk