Вкупно 51 категорија производи содржи т.н. „кошничка за домаќинствата” која од денеска се воведува во супермаркетите во Грција и има за цел цените на конкретните основни производи да останат исти или да има минимални покачувања.
Кошничката за домаќинствата содржи: ориз, леб, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, брашно, шеќер, кафе, чај, какао, сокови, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.
Каталогот со производи, маркетите ќе треба секоја среда да го испраќаат до Министерството за развој и инвестиции на Грција, додека пак граѓаните, преку специјален сајт може да се информираат за производите и цените избрани од супермаркетите.
Минатата седмица грчкиот Парламент го изгласа амандманот што се однесуваше на „кошничка за домаќинствата” и предвидува маркетите со годишен профит од над 90 милиони евра, задолжително, до Министерството за развој и инвестиции на Грција да испраќаат листа со производи за широка потрошувачка (вклучени во кошничката), кои се неопходни за пристоен живот и обврзани се да биде вклучен најмалку еден производ од секоја категорија, чија цена ќе биде прифатлива и пониска во споредба со останатите производи од истата категорија.
Во случај да не се испрати листата со производи, предвидена е парична казна за супермаркетите во висина од 5.000 евра дневно, за секој задоцнет ден.
За помалите маркети, „кошничката за домаќинствата” не е задолжителна, туку е произволна.
Конкретната одлука ќе биде во сила до 31 март 2023 година.
Не станува збор за замрзнување на цените, туку обид на супермаркетите, цените на производите неопходни за домаќинствата, да се задржат на што е можно пониско ниво.
извор: inovativnost.mk