Мотивационото писмо е вашата можност да се издвоите од другите!
Се повеќе компании покрај задолжителното CV бараат да доставите и мотивационо писмо. Мотивационото писмо е можност да се покажете себеси во покреативно светло и да објасните зошто токму вие сте вистинскиот избор.
Писмото треба да биде кратко, прецизно и во него да бидат наведени вашите најважни достигнувања. Доволно е тоа да биде напишано на една страна во A4 формат и да не ги содржи истите информации што претходно сте ги навеле во CV-то.
Пред да започнете со пишување треба да направите мини истражување за компанијата за која аплицирате, нејзините цели и проекти. Во горниот десен агол оставете ги вашите лични податоци: вашето име, презиме, адреса, e-mail и телефон за контакт. Доколку не постои дирекно лице на кое се обраќате, започнете го писмото со "Почитуван/и". Структурата на писмото најдобро е да биде составена од три параграфи и завршеток. Секој од тие параграфи треба да биде јасно одделен бидеќи ваквата форма му дава на писмото формален изглед. При пишување секогаш внимавајте на фонтот и граматиката.
Прочитајте и: Регрутерите препорачуваат: 9 најдобри фонтови за твоето CV
Во првиот параграф станува збор за воведен дел и истиот треба да биде концизен. Во него треба да нагласите за која позиција се пријавувате и притоа да напоменете од каде сте дознале за новоотвореното место.
Вториот параграф ви дава можност да ги опишете вашите претходни работни искуства и какви се обврски сте имале. Доколку немате работно искуство напишете за вашето образование и опишете ги вашите квалитети. Напишете како сметате дека тие во комбинација со вашата желба за учење и усовршување ве прават совршен кандидат.
Третиот параграф е место каде ќе посочете што ве мотивирало да се пријавите за позицијата. Ова е одлична можност да го искористите истражувањето што претходно сте го направиле за компанијата и да објасните како може да придонесете за нејзиниот развој.
Во завршетокот заблагодарете се што вашата пријава ќе биде земена во предвид и дека однапред се радувате на понатамошниот личен контакт.
Пред да го испратите писмото прочитајте го неколку пати и проверете за печатни грешки.
Со среќа при аплицирањето!
Прочитајте и: 10 најчести прашања на интервју за работа