Целта на новиот закон за доселување е да се доведе нова работна сила во Германија. Нацрт-законот на германската влада моментално е во подготовка, пренесува „fakulteti.mk“.
На авторите на законот совршено им е јасно дека нискиот број невработени и стареењето на популацијата го отежнуваат процесот на пополнување на работните места со квалификувана работна сила. Претприемачите потенцираат дека регрутирањето кандидати од Европската Унија не е доволно за да се задоволат потребите за работна сила што ѝ недостига на Германија.
Затоа Германија мора да биде значително поефикасна во доведувањето квалификувана работна сила од трети земји, пишува во нацрт-законот. Под трети земји се подразбираат државите надвор од ЕУ. Нацрт-законот, кој се подготвува во режија на министерството за внатрешни работи и кој веќе е испратен до министерствата за труд и економија, би требало до крајот на август да биде претставен пред кабинетот на канцеларката Ангела Меркел. На инсистирање на министерот за внатрешни работи, Хорст Зихофер (ЦСУ), „доселувањето во социјалниот систем“ мора да се избегне.
За разлика од Велика Британија, Канада и Австралија, германската влада не сака да воведе систем на бодирање кој ги изложува мигрантите на повеќекратна проверка. Се проверуваат нивото на образование, познавањето јазици и компатибилноста со пазарот на трудот. Идните доселеници добиваат одреден број бодови. Ако соберат доволен број, добиваат виза. Ако се под минимумот, им се ускратува доселувањето.
Во 2016 година СДП предложи таков систем да се воведе и во Германија. Предлогот тогаш доби поддршка од страна на умерените левоориентирани партии. Но, новиот предлог-закон не го предвидува ова. За волја на вистината, се препорачува доселениците да се избираат според тие критериуми, но не се предвидува бодирање.
Целиот текст може да го прочитате на fakulteti.mk