Се повеќе луѓе во светот, вклучително и кај нас, ја исклучуваат храната од животинско потекло од исхраната.
Преминот кон веганска исхрана влијае и на прехранбената индустрија - на неа се прилагодуваат и големите компании, а малите производители гледаат можност во тоа. Веганската храна има еколошки предзнак, поскапа е и помалку достапна, а токму поради тоа е привлечна за производителите кои на неа гледаат можност за подобра заработка.
Невена е нутриционист, сопственик на мал ресторан и блог за веганска исхрана. Таа има голем број следбеници. Свесна е дека нејзината работа многумина ја сметаат за “педантерија”, но вели дека тоа е нејзината животна филозофија. Пред 10 години и таа се откажа од млекото и стана веганка.
„Знаев што треба да консумирам - многу зеленило, многу никулци, не само салати, мешунки кои се полни со протеини и влакна. Најголемата предрасуда кај луѓето кои не знаат за растителната исхрана е тоа што не внесуваат доволно протеини и немаат доволно енергија“, вели Невена.
Се зголемува понудата на готова веганска храна и во супермаркетите. На полиците има речиси 150 производи, кои најмногу се купуваат во Белград, а потоа во Војводина.
Околу половина од артиклите доаѓаат од домашни производители. Во последната година е забележан раст и интерес за влез во овој сегмент од производството. Меѓу најпродаваните производи од таа категорија се хумусот, бадемовото млеко, како и веганските готови оброци.
Продажбата дополнително се зголемува за време на постот кога се купуваат растителни заменски производи за месо и сирење. Следејќи ги промените во навиките на потрошувачите, производителите ја прошируваат палетата на вегански производи и велат дека економската криза нема големо влијание врз здравата храна.
„Не би рекол дека цената е претеран фактор, со оглед на цената на месото во моментов. Има некаде слично или уште поевтино. Кога почнавме, имаше само еден производител во Србија, ние бевме втори. Моментално има десетина што произведуваат вегански производи, а се вклучи и голема индустрија затоа што, се разбира, профитот е многу поголем“, велат производителите.
Во Германија, на пример, која има 1,3 милиони вегани, фармерите протестираа против веганството пред неколку години. Денеска масовно се ориентирани кон одгледување на овес, соја и наут, кои се користат во таа индустрија
И додека веганите апелираат да се исфрли месото од исхраната за да има повеќе храна за секого и поздрава животна средина, противниците одговараат дека таканаречената веганска идеологија служи за збогатување на таканаречените вегански гуруа.