Илон Маск им порача на вработените во „Твитер“ дека мора да работат „долги часови со висок интензитет“ или да ја напуштат компанијата. Како што објави „Вашингтон пост“, тој испратил мејл до сите вработени во кој кажал дека тие мора да се обврзат на ова ако сакаат да останат во фирмата. Оние кои нема да го направат тоа до вечерва ќе добијат тримесечна отпремина, порачал Маск.
„‘Твитер‘ мора да биде крајно ‘хардкор‘ со цел да успее. Тоа подразбира работење долги часови со висок интензитет. Само исклучителни перформанси ќе носат преодна оценка“, стои во мејлот.
На работниците им е кажано дека мора да го отворат мејлот до 17 часот по локално време ако сакаат да бидат дел од новиот „Твитер“.
Набргу откако ја купи компанијата за 44 милијарди долари, најбогатиот човек на светот отпушти речиси половина од 8.000 вработени. Тој кажа дека немал избор зашто компанијата губела четири милиони долари на ден и ги обвини активистите за огромниот пад на приходите од реклами. По доаѓањето на Маск, голем број извршни директори сами поднесоа оставка.
Маск претходно кажа дека веќе нема да се работи од дома, туку мора да се биде во канцеларија најмалку 40 часа неделно.
Извор: sdk.mk