Велосипеди, мотоцикли и стар мебел се само дел од работите оставени на хоризонталните коридори во станбените згради. Се остава сè она што не му е потребно на едно домаќинство, без притоа да се води грижа дека со тоа се отежнува евакуацијата на граѓаните во случај на пожар. Хидранти нема или се оштетени, а во новите згради ги има сите елементи само при техничкиот прием на зградата, а потоа за краток период нема ништо.
Ситуацијата е очајна, велат од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, додавајќи дека работата е отидена дотаму што не само противпожарните скали, туку и хоризонталните коридори се затрупани со сè и сешто.
Од Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминатите 15-тина години посетиле околу 2.800 станбени објекти при што констатирале низа неправилности.
Во 98 проценти од случаите нема хидранти или се оштетени, а не работат ниту т.н. панични светла. Противпожарните скали во зградите над 22 метри делумно се во функција, но дел се затворени или узурпирани со покуќнина.
Извештаите од направениот увид на терен ги доставуваат до Дирекцијата за заштита и спасување, но посочуваат дека мал е бројот на инспектори и има системски проблеми поради кои опасноста од пожари останува.
Сепак, нагласуваат од Противпожарниот сојуз, има и ретки, но позитивни случаи во кои, на пример, претседателот на куќен совет спроведува вежба за станарите во случај на природна непогода. Има и случаи во кои управители на куќен совет за да ја заштитат опремата, ја складираат во подрумските простории. Ова, според Противпожарниот сојуз, не е неисправно бидејќи во случај на пожар нема време некој да се симнува во овие простории, но велат, луѓето бараат начин да ја заштитат опремата.
извор: novamakedonija.com.mk